„Социетас Цивилис“: На СЈО му е потребно време да се справи со корупцијата

04.04.2017 16:09

На Специјалното јавно обвинителство му е потребно време да се справи со корупцијата- оценува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Според нивните истражувања, Антикорупциска потфрла во надзорот и контролата, но и граѓаните го избираат полесниот начин, да подмитат за да завршат некоја работа.

Постојното Јавно обвинителство потфрли во борбата со високата корупција што придонесе за создавање на Специјалното обвинителство, велат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. На Специјалното обвинителство ќе му треба време во разбивањето на корупцијата. Прво што треба да се случи во борбата со корупцијата е да им се покаже на граѓаните дека корупцијата не е исплатлива. Граѓаните треба да видат случаи на висока корупција со судска завршница и фунционери кои ќе понесат одговорност, велат експертите.

Според нивните сондажи, Државната комисија за борба против корупцијата најмногу потфрлила токму при надзорот и контролата. Од 2011-та година таа проверила само 5% од имотните листи на функционерите. А до сега, речиси и да не повела иницијатива за кривична одговорност на високи јавни фунционери.

Истражувањето покажало дека отсуството на заштита од една и сѐ поголемиот притисок на институциите од друга страна ги наведува граѓаните да го избираат полесниот начин, односно да подлегнат на корупција за да си ги завршат своите работи. Заробеноста од корупцијата расте со сѐ поголемата неефикасност на институциите комбинирано со политичката волја граѓаните да не се борат против неа, велат од „Социетас Цивилис“.

 

Фиљана Кока