Иванов: Платформата цели кон биетничка држава
Суштината на Тиранската платформа е да се смени уставното уредување на Република Македонија и земјата да стане биетничка, односно за споредба Македонија да стане Кипар, само што не е остров- вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за Хрватската национална телевизија.

Суштината на Тиранската платформа е да се смени уставното уредување на Република Македонија и земјата да стане биетничка, да се изврши кипаризација на Македонија, изјави претседателот Иванов, во интервјуто за Хрватската национална телевизија.
„Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Тоа значи, Македонија од мултиетничко општество и унитарна држава да постане биетничка. За споредба би можеле да кажеме, Македонија да постане еден Кипар, само што Македонија не е остров“, вели претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „1 на 1“ на ХТВ.
Со таа Тиранска платформа, Македонија престанува да постои таква како што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност и бијазичност што се промовираат, ние имаме два сегменти во Македонија кои се и етнички и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп. Тогаш, граѓаните со сигурност се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор, на трета албанска држава, изјави македонскиот претседател во интервјуто за ХТВ.
Заев сега е преплашен затоа што влегол во туѓа игра и не го испорачал договореното, коментира Иванов.
„Заев е пред сѐ многу исплашен. Преплашен. Затоа што очигледно не го испорачал тоа што се очекувало од него. Влегол во туѓа игра во која што не може сега да излезе. Тој сега прави грешки. Кога е човек исплашен прави грешки. Тие негови грешки сега го внесуваат во многу потешка состојба од онаа кога почна сево ова кога сакаше преку снимки, кои, како што вели тој, ги добил од странски служби, да ја сруши легално избраната Влада на Република Македонија“, изјави Иванов.
Во интервјуто, претседателот Иванов нагласува дека во случај да го даде мандатот на лидер што прифатил платформа на туѓа држава, би ја урнал независноста на Македонија согласно со членот 308 од Кривичниот законик.
„Доколку јас дадам мандат на некој што прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот Кривичен закон, членот 308, ја рушам независноста на државата. Во членот 308 изричито стои: тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност на друга државност се казнува до пет години“, вели македонскиот претседател.
Крајна цел е менување на уставното име, вели Иванов во интервјуто. Сегашниот грчки претседател нема јавен настап да не ја третира Македонија како боксерска вреќа, да удира по Македонија. Многу бавно се случуваат промените на Балканот. Предрасудите се уште траат и опстојуваат, но Македонија не е закана за никого. Ние сме жртви на таа затвореност. Ниту самиот Нимиц не може да најде решение. Од прашањето за разликата околу името се влезе и во прашањето за идентитетот. Се оспорува македонската нација, македонскиот јазик, македонскиот идентитет. Дури сакаат да го сменат и домејнот на интернет, затоа што е МК. Можете да замислите до каде оди работата, вели македонскиот претседател зборувајќи за спорот со името.
