Иванов: Суштината на Тиранската платформа е да се смени уставното уредување на Република Македонија
Суштината на Тиранската платформа е да се смени уставното уредување на Република Македонија и земјата да стане биетничка, да се изврши „кипаризација“ на Македонија, изјави претседателот Иванов, во интервјуто за Хрватската национална телевизија. Заев сега е преплашен затоа што влегол во туѓа игра и не го испорачал договореното, коментира Иванов...

Со Тиранската платформа Македонија престанува да постои таква каква што ја знаеме, интенцијата е да стане биетничка- претседателот Ѓорге иванов ја објаснува нејзината суштина во интервју за Хрватската национална телевизија. „Намерата е 20-те проценти застапеност на албанците да се променат, а албанскиот јазик да биде ист со македонскиот, со што правата кои ги имаат останатите ќе припаднат само на албанската заедница“- посочува шефот на државата.
„Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Тоа значи, Македонија од мултиетничко општество и унитарна држава да постане биетничка. За споредба би можеле да кажеме, Македонија да постане еден Кипар, само што Македонија не е остров. Со таа Тиранска платформа, Македонија престанува да постои таква како што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност и бијазичност што се промовираат, ние имаме два сегменти во Македонија кои се и етнички и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп. Тогаш, граѓаните со сигурност се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор, на трета албанска држава“, вели претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „1 на 1“ на ХТВ.
„Ниту заклетвата, ниту совеста, не ми дозволуваат на Заев, кој сега е преплашен, да го доверам мандатот и да дозволам да ја доведе Македонија во подредена состојба и зависност од друга држава“- вели Иванов посочувајќи член од Кривичниот законик кој пропишува затворска казна за оној што ја урива независноста и државата ја носи во зависност од друга.
„Заев е пред сѐ многу исплашен. Преплашен. Затоа што очигледно не го испорачал тоа што се очекувало од него. Влегол во туѓа игра во која што не може сега да излезе. Тој сега прави грешки. Кога е човек исплашен прави грешки. Тие негови грешки сега го внесуваат во многу потешка состојба од онаа кога почна сево ова кога сакаше преку снимки, кои, како што вели тој, ги добил од странски служби, да ја сруши легално избраната Влада на Република Македонија“, изјави претседателот Иванов.
Иванов се осврнува и на прашањето за името. Вели дека не постои недоверба меѓу населението, но дека старата елита и старата генерација на политичари во Грција не дозволуваат реалноста која постои на терен, да биде одраз и во политиката.
„Сегашниот грчки претседател нема јавен настап да не ја третира Македонија како боксерска вреќа, да удира по Македонија. Многу бавно се случуваат промените на Балканот. Предрасудите се уште траат и опстојуваат, но Македонија не е закана за никого“, нагласува Иванов.
„Во кризни моменти, се враќаат старите приказни, мапи и карти за да ве заплашуваат. Македонија опстојувала и кога немала своја држава. Сега кога имаме своја држава настојуваме да си ја сочуваме. Затоа, грижата за државата и државниот интерес се приоритет при секоја одлука која ја носам“, изјави шефот на државата за ХТВ.
Миле Ристески
