Отворен петтиот програмерски маратон „Кодфест“
На годинешниот петти „Кодфест“ маратон учество зедоа 27 тимови од регионот, кои триесет и два часа ќе разработуваат иновативни идеи и програмски прототипи. На манифестацијата во Охрид присуствуваат експерти од целиот свет, кои на младите програмери ќе им ги пренесат своите искуства во изготвувањето на производи што ќе можат да ги пласираат на пазарот.

Македонија и регионот во изминатите неколку години покажаа дека располагаат со млади програмери чиј креативен дух е на ниво на оној од високоразвиените земји. Манифестацијата „Кодфест“ е мотивациска платформа што им овозможува да започнат и развиваат свои бизнис проекти, преку отворање на технички трговски друштва и мали бизниси од информатичката технологија.
„Победничкиот тим на Кодфест од минатата година за помалку од една година во целост успеа да го развијат и да го пласираат нивниот производ на пазарот. Тоа е една од најновите успешни приказни. Исто така имаме доста тимови кои соработуваат со странски старт-апи, кои веќе подготвуваат да ги пласираат на пазарот нивните продукти. Така што мислам дека имаме 15 до 20 успешни старт-ап приказни“, изјави Јасна Тренгоска, кооснивач на „Кодфест“.
„Има многу талент, талентирани хакери во овој регион од светот. Ги има насекаде, но особено е специфично за овој регион, овде навистина има многу талент“, смета Ралф Емендија, етички хакер од САД.
Најиновативните млади програмери ќе добијат финансиска подршка од Фондот за иновации и технолошки развој.
„Фондот моментално има отворен трет повик, доделуваме еден милион и 450 илјади евра на 25 компании, од кои што очекуваме 15 да бидат старт-ап млади компании со иновативни решенија. Оваа подршка ја даваме трета година по ред и очекуваме дека ќе имаме добри апликации на овој повик до 3 мај“, изјави Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Официјално петтиот 32- часовен програмерски маратон „Кодфест“ започнува утре, а на него учество ќе земат 27 тимови од регионот.
Сашо Нелоски
