Поделени реакции по американскиот напад врз Сирија

07.04.2017 15:19

Претседателот Путин го осуди нападот и додаде дека претставува чин на агресија врз суверена држава и кршење на меѓународното право. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека поради нападот во прашање е доведено создавањето коалиција меѓу Русија и САД за сириската криза.

Американскиот напад на воената база во Сирија предизвика многу реакции во светот. Русија повика на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Времено се повлече од Меморандумот со Вашингтон за спречување инциденти на небото над Сирија. Претседателот Путин го осуди нападот и додаде дека претставува чин на агресија врз суверена држава и кршење на меѓународното право. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека поради нападот во прашање е доведено создавањето коалиција меѓу Русија и САД за сириската криза.

Ова ме потсетува на ситуацијата во 2003-та кога САД, Велика Британија и некои сојузници навлегоа во Иран без договор со ОН, прекршувајќи го меѓународниот закон. Тогаш се обидуваа некако да си го спасат образот. Овој пат воопшто не се ни обидоа да презентираат никакви факти. Се потпираа само на фотографии и докази од различни невладини организации кои сценираат различни ситуации против Сириската влада“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Израел, пак, ги поддржа нападите и ги оквалификува како „силна порака“ која треба да ја слушнат Иран и Северна Кореја. Американската интервенција ја поздравија и Јапонија и Саудиска Арабија, пофалувајќи ја храбрата одлука на американскиот претседател. Шефот на Европскиот совет, Доналд Туск, истакна дека одлуката на Трамп е показател на решителноста на западот во борбата против варварските хемиски напади. Реакција стигна и од Пекинг. Кина најпрво апелираше да се избегне натамошното влошување на состојбата, но потоа ја осуди употребата на хемиско оружје.

Кина е секогаш против употребата на сила во меѓународните односи и повикува на дијалог за мирно решавање на работите“, изјави Хуа Чунјинг, министер за надворешни работи на Кина.

Поддршка стигна и од Велика Британија, Франција и Германија. Оттаму соопштија дека Асад со хемискиот напад го испровоцирал американскиот одговор. И Анкара испрати порака со поддршка за САД. Министерот за надворешни работи, Чавушоглу рече дека е неопходно што поскоро да се смени режимот на Асад. Италијанскиот премиер Џентилони повика на решавање на сириската криза по пат на преговори, во кои покрај владините сили и опозицијата, да бидат вклучени и Русија и ОН.

 

Марина Автовска