Американски напад врз Сирија

07.04.2017 16:27

Соединетите Американски Држави бомбардираа воени цели во Сирија од каде беше извршен нападот со гас. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил воздушни напади бидејќи спречување на гасни напади е од витален интерес за националната безбедност на САД.

Со 59 проектили од два воени бродови во Источното Средоземно море, американските воени сили извршија напади врз воен аеродром на сириските сили од кадешто е извршен напад со хемиско оружје во Сирија. Наредбата на американскиот претседател Доналд Трамп дојде по убиството на стотици цивили во Сирија од отровен гас, што според американски извори го наредил сирискиот претседател, Башар Ел Асад.

„Од важен интерес за националната безбедност на Соединетите Американски Држави е да спречи и острани употреба на смртоносни хемиски оружја. Нема сомневање дека Сирија употреби хемиско оружје, ја прекрши конвенцијата за хемиско оружје и го игнорираше предупредувањето од Советот за безбедност на Обединетите нации. Со години вакви напори пропаднаа, па како резултат бегалската криза продолжува да се продлабочува и регионот да се дестабилизира, заканувајќи се на САД и на нејзините сојузници. Денеска ги повикувам сите цивилизирани нации да ни се приклучат во барањата за стопирање на убиствата и кровопролевањето во Сирија и исто така на тероризмот во сите форми“, изјави американскиот претседате, Доналд Трамп.

Сириската база што била бомбардирана била користена и од терористичката организација Хезбола поддржувана од Иран. Засега Пентагон не открива дали ќе продолжат нападите врз останатите 6 сириски воздухопловни бази. Американскиот претседател планира формирање на безбедни зони за бегалци во Сирија.

Русија го укина договорот за разбирање за воздушните операции во Сирија меѓу американски и руски воени авиони.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ