Груевски: Жесток одговор ако се прекрши деловникот

10.04.2017 10:13

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, рече дека жестоко ќе одговорат доколку СДСМ се обиде неделовнички да избере претседател на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори за граѓаните да се изјаснат за Тиранската платформа. Сметаат дека Заев и раководството околу него се уценети. Лидерот на партијата, Никола Груевски, рече дека жестоко ќе одговорат доколку СДСМ се обиде неделовнички да избере претседател на Собранието.

„Доколку СДСМ влезе во сценарио на неправно, незаконско, недемократско и неделовничко однесување во Парламентот треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе реагриа остро, а треба да очекува дека и народот во Македонија ќе има сериозна реакција, според она што можеме да го видиме деновиве. Тоа би било голема грешка на СДСМ во правец на нарушување на деомократијата и стабилноста во Република Македонија“, изјави вчера Груевски.

Тој посочи дека народот е прилично сензибилизиран и свесен дека, како што рече, Заев има преземено обврски и оти добива фактура за нив.

Народот знае дека на Заев му е испорачана фактура која сам ја договорил и дека киријата му е висока, но народот и државата не се должни да ја плаќаат неговата фактура и тој треба да го знае тоа, потенцира Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека народот е свесен, знае што се случува и гледа какви обврски презеле Заев и СДСМ и веќе 40-тина дена секојдневно реагира на улиците.