Црна Гора станува членка на НАТО

11.04.2017 15:31

Со потпишувањето на протоколот за влез на Црна Гора во НАТО, заврши постапката за негова ратификација во САД. Се очекува усвојување и од Шпанија и од Холандија. На наредниот самит на Алијансата, закажан за 25-ти мај, властите на Црна Гора очекуваат полноправно членство.

Малата Црна Гора, со само 610 илјади жители станува 29-та членка на Северноатлантска алијанса. Со ова се заокружува таканареченото Јадранско- Јонско крајбрежје, а на политичко безбедносниот потег, НАТО ги контролира и двата брега на Јадранот, морскиот влез на европскиот коинтинент, но и отрантската врата.

Со вчерашното потпишување на документот, американскиот претседател Трамп ги расчисти дилемите за приемот на земјата.  За потписниците во Сенатот, испратена е силна порака до Москва која според нив, при последните парламентарни избори се обидела незаконски да го смени поредокот во земјата. Прозападните владини претставници   најавија дека земјата најверојатно ќе учествува на самитот на НАТО на 25-ти мај како полноправна членка.

„Голем ден за нашата земја бидејќи напорите на нашата државна политика, вклучувајќи го и Министерството за надворешни работи, се потврдија од најголемата демократија во светот“, изјави Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора.

„Привршуваме со еден од најважните процеси кога станува збор не само за стабилноста и безбедноста на Црна Гора, туку и за целокупната безбедност на регионот На Западен Балкан“, рече Предраг Бошковиќ, министер за одбрана на Црна Гора.

Сепак, на Црна Гора и претстои и расчистување на некои од хипотеките на минатото. Официјална Подгорица ќе треба да го реши статусот на Српската црква во Црна Гора, вклучувајќи го и имотот, како и барањата на про-руски ориентираната опозиција да се зачува воената неутралност. Исто така, тука се и имотите на руските тајкуни кои во минатата декада купуваа недвижнини, но и барањата за поголеми малцински права.

Дотогаш, по потписот на претседателот Трамп за проширување на сојузот, се очекува ратификација и од Шпанија, додека во Холандија треба да мине законскиот рок за организирање на евентуален референдум.

 

Маја Филдишев