Соработката меѓу Европа и Америка е на најниско ниво
Трансатланската соработка меѓу Европа и Америка е на најниско ниво. Небезбедноста, неуспехот на економијата и надворешната политика влијаат на политиката на двете страни од Атланскиот океан.

По излегувањето на Британија од Европската Унија, расте незадоволството во Европа од нееднаквоста на земјите членки на Унијата, користењето на еврото и приемот на имигранти. Ова ќе влијае на исходот на изборите во Франција и во Германија оваа година. Америка по изборот на Доналд Трамп за претседател го стави во прашање договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и САД.
„Различноста на денешните предизвици вклучувајќи го порастот на тероризмот во Русија и Турција, геополитичката криза во Украина и Сирија, иднината на НАТО и терористичките напади, бараат посилно трансатланско партнерство“, изјави Ута Михаела Дуриг-експерт на германска фондација Роберт Бош.
„Генерално има побуна против слободната трговија. Најдобрите моменти во изборите на претседателот Трамп беше кога го напаѓаше договорот НАФТА со Мексико и Канада. За нас прво прашање е што е иднината на слободната трговија, може да повторувате дека е добра и дека ќе ги преквалификуваме жртвите, но тоа е завршено. Или ќе одиме напред или луѓето ќе ја одбиваат слободната трговија“, вели Жерард Аро- француски амбасадор во САД.
Европа се соочува со терористички напади, додека во САД расте криминалот.
„Има експлозија на криминал и казни во САД, што е многу поинакво од она што го гледаме во Европа. Зборуваме за масовно казнување, за секој затвореник има 10 коишто не издржуваат казна затвор, но се осудени. Еден од осуммина возрасни мажи во САД има досие. Сите овие фактори ја намалија можноста за економска мобилност на луѓето во САД“, смета Николас Еберштат- експерт на Американ ентерпрајз институт.
Невработеноста во Америка е на најмало ниво, но економскиот раст е се уште мал. Европа се уште се опоравува од економската криза. На двете страни од Атлантикот небезбедноста, неупехот во економијата и надворешната политика предизвика раст на популизмот.
Заедничко за Европа и Америка е што има големо намалување на довербата во државните институции.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
