Иванов: Нема мандат додека не се отстранат правните и политичките пречки
Шефот на државата рече дека ги почитува Уставот и практиката од 1992 година и дека не чувствува одговорност за кризата...

Мандатот за формирање влада нема да биде врачен сѐ додека не бидат отстранети правните и политичките пречки- изјави претседателот Иванов по средбата со претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина, Иваниќ. Шефот на државата рече дека ги почитува Уставот и практиката од 1992 година и дека не чувствува одговорност за кризата.
Институционалната криза, додаде Иванов, ќе ја немавме доколку ја немаше платформата која од политичка криза не воведе во институционална криза.
Јас го почитувам Уставот и праксата создадена во 1992 година. Тоа им го кажав и на сите претставници на партиите кога беа на консултации. Треба да се почитува тоа што е во Уставот и роковите предвидени во Уставот и преседанот направен во 1992 година. Надвор од тоа, која било донесена одлука доведува до прашање за моја одговорност. Јас сум под заклетва и ќе го почитувам она што е уставен поредок на Република Македонија, потенцираше претседателот Иванов.
Македонскиот претседател посочи дека токму поради платформата која што се појави после парламентарните избори Македонија не може да се избере претседател на Парламентот, ниту пак да почне процесот за создавање на влада.
Едно е политичката криза која што ја решивме со изборите на 11 декември, а со платформата добивме институционална криза. Јас тука не чувствувам одговорност бидејќи го почитувам Уставот и тоа што се бара од мене, а ги имам предвид и одлуките на Уставниот суд и затоа не смеам да донесам одлука која што ќе биде оспорена од кого било, потенцираше Иванов.
Иваниќ истакна дека е уверен оти македонскиот претседател ќе ги донесе најдобрите одлуки за стабилноста и за просперитетот на Република Македонија.
