Опаѓа процентот на вакцинирани деца од морбили
Се помалку родители ги вакцинираат своите деца против морбили, предупредуваат лекарите. Не ја исклучуваат можноста од појава на епидемија. Фармацевтите се спротивставуваат на антивакциналните кампањи кои се шират преку социјалните мрежи.

Додека во западно-европските земји малите сипаници добиваат епидемиски размери, во Македонија опаѓа бројот на вакцинирани деца против морбили. За само две години процентот е намален за 6 насто. Оваа состојба ги загрижува здравствените власти, според нив падот на имунизација е резултат на антивакциналните кампањи.
„Во меѓународни рамки е докажано дека МРП вакцината воопшто нема никаква врска со појава на аутизам. Нема причина за одложување на МРП вакцината особено сега во овој период кога во западно- европските земји има епидемии на морбили особено во Романија каде што има и смртни случаи, исто и во Бугарија. Доволно е само еден случај да се појави во Македонија, а морбилите се шират многу брзо така што можеме и кај нас да добиеме епидемија на морбили“, вели д-р Јованка Костовска, Комисија за заштита од заразни заболувања.
Најмалку вакцинирани деца против морбили има во Скопје. Лекарите упатија апел до родителите дека и оваа вакцина е безбедна и со години се употребува, нема причина да ја одложуваат вакцинацијата.
„Од 2.800 деца на возраст од 13 месеци кои што не ја примиле МРП вакцината, 2.400 се од Скопје. Всушност бројката од 66 проценти опфат никогаш досега не била толку ниска“, вели д-р Татјана Баевска- Вучковиќ, директор на Здравствен дом- Скопје.
„Вакцините велгуваат во онаа категорија на лекови кои што се апсолутно безбедни во однос на нивната употреба, се што е асоцирано со несаканите ефекти може да претставува здравствена коинциденција или пак, други сегменти кои не се директно асоцирани со безбедноста и квалитетот на вакцините“, вели проф. д-р Александра Грозданова, Фармацевтски факултет.
Со воведувањето на поливалентните вакцини опфатот на имунизација е зголемен, но лекарите велат, за да има колективен имунитет е потребно над 90 проценти од популацијата да биде заштитена.
Андријана Атанасовска
