Иванов: Без отстранување правни пречки нема мандат

19.04.2017 16:06

Мандатот за формирање влада нема да биде врачен сѐ додека не бидат отстранети правните и политичките пречки- изјави претседателот Иванов по средбата со претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина, Иваниќ. Шефот на државата рече дека ги почитува Уставот и практиката од 1992-ра година и дека не чувствува одговорност за кризата. Иваниќ истакна дека е уверен оти македонскиот претседател ќе ги донесе најдобрите одлуки за стабилноста и за просперитетот на Република Македонија.

Нема мандат додека не се отстранат правните и политички пречки. Претседателот Иванов вели- не чувствувам одговорност за кризата бидејќи го почитувам Уставот и праксата од ’92-рата година. Надвор од тоа, според шефот на државата, која било донесена одлука води кон прашање за моја одговорност. Иванов посочи дека земјата немаше да биде во институционална криза доколку ја немаше платформата од Тирана. Поради неа, вели Иванов, земјата не може да избере претседател на Собранието, ниту да го отпочне процесот за формирање Влада.

„Едно е политичката криза која ја решивме со изборите на 11-ти декември, но со платформата добивме институционална криза. Јас тука не чувствувам одговорност бидејќи го почитувам Уставот и тоа што се бара од мене, а ги имам в предвид и одлуките на Уставниот суд кои биле донесени во ’92-ра и затоа не смеам да донесам одлука која ќе биде оспорена од било кого“, рече претседателот Иванов.

Дека Иванов ги презема најдобрите одлуки во корист на државата, поддршка стигна од Претседателот на босанското претседателство Младен Иваниќ кој е во дводневна посета на Македонија. На официјалната средба Иванов го запознал колегата со постизборната платформа поради која земјата не може да формира влада.

„Многу добро знам како човек што доаѓа од Босна и Херцеговина дека сето она што доаѓа од надвор, како што го имавме во Босна што доаѓаше од Белград и од Загреб, не може да биде добро за земјата. Уверен сум дека претседателот Иванов, бидејќи го познавам многу долго време, ќе ги донесе најдобрите одлуки за стабилноста и просперитетот на Република Македонија“, изјави Иваниќ.

Коментирајќи го односот на Брисел кон балканските земји, Иванов рече дека Македонија е школски пример како Унијата не треба да се однесува кон земја со кандидатски статус, но и дека состојбата во регионот би била поинаква, доколку се отворат поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на безбедноста и владеењето на правото.

Двајцата претседатели зборувале и за отворање авио линија Скопје– Сараево, како и за спогодба за патување преку државните граници само со лични карти.

 

Анита Димитријевска