Продолжи конститутивната собраниска седница
Во Законодавниот дом, продолжи конститутивната седница. СДСМ инсистира да се прекине со, според нив, непродуктивните дискусии и веднаш да се премине на избор на претседател на Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека со ова ќе се прекрши Деловникот. Бараат Зоран Заев јавно да се откаже од Тиранската платформа.

Веќе е депласирано да се манипулира со прашањето има или не Тиранска платформа кога таа постои и беше прочитана во Собранието, посочија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во дебатата на продолжението од конститутивната седница. Како што велат, прашање е што е договорено околу промената на националните симболи.
Репликите и контрарепликите беа прекинати од Зијадин Села со неговата процедурална забелешка околу толкувањето на осудата за геноцидот врз албанскиот народ.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањата да се отфрли Тиранската платформа или да се оди на нови избори.
СДСМ пак е со став дека постои само програма за работа на новата влада. Од албанскиот блок партии велат дека никој не треба да се занимава со Тирана, бидејќи декларацијата не маргинализирала никого.
Миле Ристески
