Уште тројца обвинети за грабежот во НЛБ
Грабежот на НЛБ доби нова димензија. Приведени се уште тројца, брат и пријател на првоосомничениот, како и вработена комерцијалистка во банката. Тие, според полицијата, му помогнале да украде 2 милиона и 400 илјади франци, како и 645 илјади евра.

Уште тројца помагале за да се изнесат милионите од НЛБ Банка. Заработија кривична пријава. Меѓу нив се братот на првопријавениот, вториот е негов пријател, третата е комерцијалист во НЛБ. Се сомничат дека директно му помогнале на вработениот во трезорот во извршување на кривичното дело со кое се стекнал со имотна корист од 2 милиона и 400 илјади франци и 645 илјади евра. По увидот на видеонадзорот се гледала конверзацијата меѓу нив која што се одвивала во банката, информираат од полицијата.
Во првиот случај, братот на првопријавениот на шалтер кај осомничената предал 95 илјади евра, заедно со лична карта, за преку негова трансакциска сметка да изврши конверзија во швајцарски франци. Првопријавениот и рекол дека тој лично ќе ги земе овие пари од трезорот, без потребната процедура. Со ова според истрагата, бил затворен претходно настанатиот кусок во трезорот.
Во вториот случај, банкарката постапувајќи по упатства од првопријавениот, преку систем на достава од трезор примила 375 илјади евра за кој не подготвила никаква документација и му ги предала на рака на колегата, а тој средствата ги изнел од банката.
Третиот случај е кога вработениот во трезорот, изнел 2 милиона швајцарски франци и 270 илјади евра, од девизниот трезор, незабележан од никого. Ги предал парите на брат му, а тој пак, на неговиот другар, кој се обидел наредниот ден да ги внесе во Србија. Бил фатен на граничниот премин Табановце.
Од МВР соопштуваат дека сѐ уште преземаат мерки за да откријат на кој начин од банката биле изнесени уште 300 илјади швајцарски франци.
Наташа Гркова- Петрушевска
