Грчки медиуми: Дестабилизација на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот

19.04.2017 17:01

Грчките медиуми продолжуваат со силен интензитет да известуваат за нашата земја. Предупредуваат дека дестабилизација на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот.

Највлијателните грчки медиуми периодов се поинтензивно го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ, а пред се лидерот на партијата, Никола Груевски. Во репортажа на Телевизијата Стар, Груевски се опишува како националист и автократ со сличен стил на владеење како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот Владимир Путин.

„Груевски е минијатура на Ердоган, тој спроведува еден кич- патриотизам, една состојба на корупција и скандали и еден апсолутизам како во Русија“, вели Спирос Сфетас, професор по модерна и современа историја за ТВ Стар.

Во репортажата се тврди дека десничарските здруженија во Македонија биле наводни гласноговорници на Груевски во битката против Голема Албанија.

Со критики и обвинувања излезе и анализа во весникот „Етнос“.

„Социјал-демократите ја бараат власта со благослов на западот. А во средина, улогата на регулатор ја има албанскиот фактор како заеднички блок од три елементи кој што застана на страната на Заев“, се вели во анализата на „Етнос.

Во колумна на весникот „Катимерини“, Груевски се критикува за наводна узурпација на грчката историја, а земјата за параноја и креирање лажно минато.

„Се почна со политичката криза поради авторитаризмот во периодот на Груевски. Ова има тенденција да прерасне во егзистенцијална криза на земјата поради одбивањето на славо- македонскиот претседател Ѓорге Иванов да и дозволи на опозицијата да формира влада“, се вели во текстот.

Авторот на колумната заклучува и дека натамошна дестабилизација на Македонија ќе доведе до распаѓање на земјата, со што ќе се дестабилизира и Балканот, а војната и нередот ќе стигнат до грчка врата.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ