Американска подморница во Јужна Кореја

25.04.2017 14:13

Американската подморница „Мичиген“ стигна во јужнокорејското пристаниште Бусан, 500 километри оддалеченост од главниот град на Северна Кореја. Властите во Пјонгјанг претходно се заканија со војна и со потопување на носачот на авиони „Карл Вилсон“ поради спорот околу нуклеарната програма на земјата која слави 85 години од основањето на Армијата.

Додека Северна Кореја организираше воени вежби за одбележувањето на 85-годишнината од формирањето на војската, САД демонстрираа сила со впловување на подморницата „Мичиген“ во јужнокорејското пристаниште  Бусан. Дел е од заедничките воени маневри со јапонските бродови во западниот Пацифик. Паралелно со овие настани, група предводена од американскиот носач на авиони „Карл Вилсон“ плови кон корејските води. Загриженоста на глобално ниво расте поради можноста од нови нуклеарни тестови во Северна Кореја иако ОН и воведоа санкции.

„Северна Кореја беше тема на разговорот со американскиот претседател. Го почитувам зашто и со зборoви и со дела покажа дека не е исклучена ниедна опција. Нуклеарната програма на Пјонгјанг е сериозна закана. Заедничката вежба меѓу Јапонија и САД се одвива во Западен Пацифик. Продолжуваме да соработуваме за да имаме побрз и поефикасен одговор на евентуална провокација“, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Во меѓувреме, претставници на САД, Јапонија и на Јужна Кореја се договорија да ги координираат активностите во однос на дипломатските, воените и економските мерки за Северна Кореја. На средбата во Токио се согласија и дека Кина има клучна улога врз однесувањето на непопустливиот Пјонгјанг. Поради зголемените тензии, официјален Пекинг испрати 100.000 војници на границата со Корејскиот полуостров.

 

Маја Филдишев