Иванов: Ако не се отстратант пречките, нема мандат
„Сѐ додека не се остранат правните и политичките пречки, нема да го доверам мандатот“- претседателот Иванов преку Унгарската телевизија испрати порака до домашните политички актери. Тврди дека мнозинството е обезбедено со уцена и оти тој дејствува превентивно за да спречат уште поголеми проблеми. Шефот на државава смета дека забавувањето на евроинтегративните процеси ги разбудило големонационалистичките проекти.

Сѐ додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам да го доделам мандатот за составување на владата, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за Унгарската државна телевизија МТВА. Според шефот на државата, мнозинството било обезбедено со уцена, да биде прифатена платформата на албанските партии во Македонија, донесена во кабинетот на албанскиот премиер во Тирана. Должен сум да ги штитам државата, суверенитетот и интегритетот, а доколку го дадам мандатот, во прашање ќе биде доведена независноста на државата, вели македонскиот претседател.
Средства од американските државјани се префрлани во фондацијата Сорос и се користеле дури и за насилни акции, како што беше палењето на Народната канцеларија, вели шефот на државата. Без грижа на совест граѓански организации тврдат дека тоа било протест, односно начин на дејствување. Во очекување сме на резултатите од истрагите и постапките што се водат во САД, поврзани со Сорос, истакна Иванов. Според него, има невладини организации што работат во корист на населението, но и такви кои се во функција на манипулации и притисоци.
Оценува дека поради забавувањето на евроинтеграциите на Западен Балкан, повторно се јавиле големонационалистички проекти, што се гледа и од изјавите на политичари, преку кои повторно се будат етнички нетрпеливости. Затоа, додава Иванов, Македонија наместо да се занимава со реформи, се занимава со наметнатата албанска платформа.
Од 2005-та сме кандидат за членка на Европската унија, а од 2009-та, веќе имаме добиено осум препораки и позитивни извештаи, но поради блокадата од нашиот јужен сосед, Македонија стои во место. Македонскиот претседател во интервјуто изразува благодарност за унгарската поддршката на јужната граница во однос на бегалската криза.
Наташа Гркова- Петрушевска
