Горан Чолакхоџиќ- добитник на наградата „Мостови на Струга“

27.04.2017 15:16

Младиот хрватски поет Горан Чолакхоџиќ е добитник на наградата „Мостови на Струга“, која Струшките вечери на поезијата ја доделуваат во соработка со УНЕСКО. Во конкуренција на 20 книги, делото на Чолакхоџиќ „На крајот на таа градина“ е наградено заради автентичниот поетски став во односот на човекот и природата.

Младиот хрватски поет Горан Чолакхоџиќ е годинaшниот лауреат на „Мостови на Струга“ - награда која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО, за најдобра дебитантска книга. Според претседателот на Управниот одбор, Славе Ѓорѓо Димовски, голем е интересот за оваа награда, бидејќи ги отвора патиштата за творечка афирмација. Годинава пристигнале 20-тина книги од 16 земји.

„Поетската книга на Горан Чалакхоџиќ е дебитантско ремек дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во хрватската литература, но и во светската поезија. Оваа награда ќе биде дополнителен поттик во неговиот творечки развој и придонес во распространувањето на поетските вредности на неговите творечки остварувања за кое му е доделена“, изјави Славе Ѓорѓо Димовски- претсетател на уптравниот одбор на СВП.

Книгата на Чолакхоџиќ има автентичен поетски став во односот на човекот и на природата - вели директорот на Струшките вечери на поезијата.

„Оваа книга ја одликува едно игриво пеење, кое секогаш отсликува некаква просторност, секогаш го става лирскиот субјект во еден предел во кој човекот и природата се и во судир, но и во согласје. Тој простор го чини градината, која е едно особено место, каде оградена од градот и од архитектонско- урбанистички уредениот простор, постои природата, она што расте, разлистува, цвета, живее, угинува, гние, бива спалено“, изјави Мите Стефоски, директор на Струшки вечери на поезијата.

Стихозбирката „На крајот на таа градина“ на младиот поет е објавена пред две години. Наградата ќе му биде врачена на Струшките вечери на поезијата.

 

Андријана Атанасовска