Одбележан Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

08.05.2017 15:13

Одбележување на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. По тој повод промовирана и нова поштенска марка. Волонтерите и вработените во Црвениот крст, се водат од принципите со кои се оди подалеку од географските, верските или културните граници.

Природни катастрофи, вооружени конфликти, социјални или здравствени проблеми- не им претставуваат пречка, хуманоста им е водилка. Ниту верата и културата не им се бариера, за волонтерите во Црвениот крст најважно е да им помогнаат на луѓето.

„Водени од основните принципи на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволна служба, единство и универзалност ја мобилизираме можта на хуманоста да спасиме животи и да го намалиме страдањето. Широчината и длабочината на движењето осигурува никој да не биде изоставен. Гласот на најранливите да го слушнат носителите на одлуки“, вели Сања Матовска, волонтер на Црвениот крст на Град Скопје.

Повеќе од 10 илјади членови и 3.600 волонтери во земјава претставуваат мост до крајните корисници на кои им е потребна помош- велат од Црвениот крст. Големи се предизвиците со кои се соочуваат во исполнувањето на својата мисија.

„Псле 154 години по раѓањето на најголемото хуманитарно семејство ние, Црвениот крст на Република Македонија како негов составен дел изразуваме спремност, волја и снага, понатаму да одговориме на предизвиците кои не очекуваат во иднина, смело и достоинствено чекорејќи по патеките на хуманоста“, изјави Милчо Трајков, претседател на Црвениот крст на Република Македонија.

По повод Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина издадена е нова поштенска марка. Парите од продажбата ќе бидат наменети за црвениот крст.

„Плод на нашата заедничка соработка е издавањето на дополнителна поштенска марка по повод меѓународниот ден на црвениот крст и црвената полумесечина , преку која сакаме уште еднаш да ја потенцираме и промовираме важноста за заедничко разбирање, пријателство, соработка и траен мир меѓу сите луѓе“, изјави Фадис Реџепи, генерален директор на „Македонска пошта“.

17 милиони волонтери и 450 илјади вработени во црвениот крст и црвената полумесечина, секоја година им помагаат на 160 милиони луѓе низ светот.

 

Андријана Атанасовска