Грчките медиуми за случувањата во Македонија

08.05.2017 15:35

Грчките медиуми продолжуваат да ја анализираат политичката состојба во земјава...

Весникот „Ризопастис“ пишува дека соседна Албанија му помогна на Заев да воспостави соработка со три парламентарни партии на албанското малцинство, а ја состави и Тиранската платформа која што подразбира воведување на албанскиот како втор официјален јазик на земјата, нови национални симболи што ќе го изразуваат и албанското малцинство како и да имаат улога во разговорите за името.

„Изборот на новиот претседател на парламентот од стана на партијата на Заев и трите партии на албанското малцинство, изгледа дека беше направено во консултација со западните империјалисти (што се виде од синхронизираната реакција на САД, ЕУ и НАТО), пишува „Ризопастис.

Весникот додава дека развојот на настаните во Македонија и регионот се должи на конкуренцијата меѓу НАТО и ЕУ од една страна и Русија и Кина од друга за контрола на ресурсите, патиштата и енергетските мрежи.

И симболиката на поставувањето на албанските знамиња во кабинетот на Талат Џафери и натаму е тема на коментар на голем број грчки медиуми.

Весникот „Етнос“ пишува дека на поставувањето на знамето се противеле не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од СДСМ, како и тоа дека непосредно пред инцидентите во парламентот, албанските пратеници ја пееле албанската химна, како одговор на интонацијата на македонската од страна на пратениците на ВМРО- ДПМНЕ.

„Енергијата на Талат Џафери предизвика реакции не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од Социјал- демократскиот сојуз. Ова ги реафирмираше и аргументите на оние кои што говорат за албанска платформа, напишана од албанските партии во Тирана во кабинетот на премиерот Еди Рама“, пишува „Етнос“.

 

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ