Џафери: По 20-ти мај сѐ ќе зависи од волјата на мнозинството

12.05.2017 15:52

„Посакувам Иванов да го додели мандатот, по 20-ти мај сѐ ќе зависи од волјата на мнозинството“- новиот собраниски спикер, Талат Џафери за очекувањата и идните чекори во Парламентот. На средбата со новинарите соопшти дека очекува договор меѓу лидерите и за локалните избори.

До идниот петок, собранискиот спикер ќе го чека претседателот Иванов да го додели мандатот за формирање нова влада. На брифинг со новинарите, Џафери рече дека доколку тоа не се случи, тогаш од 20-ти месецов мнозинството ќе постапува според волјата. Објасни дека не станува збор за молење, туку рокот е законска обврска која тој мора да ја почитува.

Не ја исклучува можноста од протести доколку се избере влада без мандат од Иванов, но апелира да не се размислува за повторување на 27-ми април и, како што рече, насилно влегување во Собранието, бидејќи според него тоа би било беспредметно и спротивно на законите.

Имајќи ја предвид состојбата и со локалната власт, Џафери рече дека Собранието е исправено пред потребата паралелно со постизборните активности за нова влада, да најде соодветно решение за истекувањето на мандатот за локалната самоуправа. Сепак, за распишување локални избори спикерот мора да ги чека политичките партии. Планира средба со нив на која очекува дека ќе му понудат решение за да може веднаш потоа да свика седница во Собранието. Следните чекори на парламентот ќе бидат во контекст на формирањето на собраниските комисии, бидејќи тоа е предуслов за да се распишат локалните избори.

Претседателот на Собранието денеска оствари средба и со амбасадорите на земјите- членки на ЕУ во земјава. И ним им потврдил дека приоритет на работењето на пратениците е изборот на новата влада.

 

Катерина Топалова