Заев: Во собранискиот напад се вклучени шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ
Раководството на СДСМ даде исказ во Основното јавно обвинителство во Скопје за собраниските настани од 27-ми април. Сметаат дека нападот бил организиран, обвинија дека биле вклучени и шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа партија му одговорија- одговорноста за политичката криза, Социјал-демократите да ја бараат кај нив.

Исказ пред надлежен јавен обвинител за настанот од 27- ми април во Законодавниот дом даде лидерот на СДСМ, Заев. Изјави дека во инцидентот биле вклучени шестмина пратеници. Очекува секој учесник во случувањата да одговара за стореното дело.
„Шестмина пратеници на ВМРО учествувале директно во организираното отворање на вратите, двајца ги дигнале металните профили, а останатите давале директни патокази како да се оди до прес салата, каде што беа пратениците од мнозинството. Верувам дека тоа во постапката ќе биде утврдено, постојат докази. Јас ова го зборувам врз база на докази кои се видливи и воочливи“, изјави Заев по распитот во обвинителството.
Освен Заев, сведочеа уште неколкумина од раководството на партијата. Оливер Спасовски очекува да се утврди и командна одговорност за сите полицајци кои не го заштитиле парламентот и пратениците.
„Ќе мора да има и командна одговорност и во МВР, за сите припадници кои не постапувале, кои не биле во функција на заштита на овие објекти од витално значење на Република Македонија и за заштита на животот и здравјето на пратениците“, рече Спасовски.
„Не е никакво изненадување што Заев за сѐ ја бара вината во ВМРО-ДПМНЕ“, реагира членот на Извршниот комитет, Антонио Милошоски. Прашува- зошто одлучиле да прекршат Деловникот по затворањето на седницата и во период кога секјдневно има протести пред Собранието.
„Прашуваме зошто тие кои биле свесни и имале информации за можна ескалација, одлучиле во 18 и 30 часот, кога пред Собранието секој ден имаше мирољубиви протестанти, да го направат кршењето на Деловникот. Очекуваме од Заев еднаш во неговата политичка кариера, да ја побара одговорноста кај себе за политичката криза и за сите други кризи и сценарија кои ги прави во изминатиот период“, изјави Антонио Милошовски.
Во Обвинителството беа и пратениците Радмила Шекеринска и Маским Димитриевски, а како што информираа од обвинителството, исказ како оштетени ќе дадат уште двајца пратеници од СДСМ.
Наташа Гркова- Петрушевска
