ВМРО-ДПМНЕ предлага три термини за локалните избори

12.05.2017 16:40

ВМРО-ДПМНЕ го повика парламентарното мнозинство веднаш да создаде услови за распишување на локалните избори. Предлагаат да се одржат на 2- ри јули, а како алтернатива ги нудат септември и октомври. СДСМ очекува лидерска или средба меѓу претставници на парламентарните партии за да се договори новиот термин.

2- ри јули, 17- ти или 24- ти септември, 15- ти октомври, ВМРО-ДПМНЕ ги предлага овие термини за одржување на локалните избори. Го повикува парламентарното мнозинство да создаде услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците во следниот период.

„Напоменуваме дека секој подалечен рок за одржување на локалните избори би создал поголеми негативни последици за општините и би нанесол поголема штета на интересите на граѓаните по однос на локалната самоуправа. Секој обид неразумно да се одолговлекуваат локалните избори и да се блокира мандатот на општините, а со тоа и да се загрозат интересите на граѓаните би се толкувал како обид за бегање од избори, односно бегање од соочување со народот“, изјави Антонио Милошовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.  

Милошоски вели дека ВМРО- ДПМНЕ ќе го поддржи секој предлог за кој што ќе се одлучи парламентарното мнозинство.

Од СДСМ се со став дека прво треба да има договор со парламентарните партии за терминот на локалните избори, да се формираат Комисиите, па потоа да промени изборниот закон со нов датум. Според партијата, ако локалните избори бидат наесен, треба да се одржат во октомври или ноември, но, се остава простор и за периодот од март до мај идната година. Социјал-демократите сметаат дека седница на Собранието за измени во Изборниот законик треба да се закаже откако Иванов ќе го додели мандатот за составување влада.

 

Игор Панов