Пред почетокот на евровизиското Финале, Киев 2017

По второто полуфинале: Македонија и Јана Бурческа - ударна вест на ЕSC 2017

13.05.2017 15:37

Сосема невообичаен и уникатен момент за еден Евровизиски избор кој вниманието на публика го сврте на еден од најубавите моменти во човечкиот живот, се чини се претвори во една своевидна глобална медиумска фокусираност, за којашто најверојатно луѓето од маркетингот би рекле: „дека со ништо не може да се плати“ и за представникот Јана Бурческа но и за Македонија којашто беше достојно претставена пред Евровизиската музичка јавност.

Втората полуфинална вечер на најголемиот музички избор на светот „Изборот за песна на Евровизија“ во Киев, донесе радост и разочарување.

Највозбудливиот момент на втората полуфинална вечер, беше долго чуваната тајна за бременоста на Јана Бурчевска, во неколку секвенци претставено во најавната картичка за настапот на Македонија во втората полуфинална вечер. Кулминацијата на „Македонската приказна“ којашто беше предложена и чувана во најголема тајност на највисоко ниво од страна на продуцентите на Евровизискиот избор, секако следуваше со понудата за брак од страна на нејзиното момче Александар Филиповски, пред очите на огромниот телевизиски аудиториум. Не е невообичаено во „зелената соба“ да седат и блиски луѓе на изведувачите коишто им пружаат емотивна подршка и сигурност во моментите додека се чекаат резултатите од гласањето. Присуството на Александар, којшто со свои пријатели во Киев допатува неколку денови пред тоа, од тој аспект во „зелената соба“ беше нешто сосема нормално. Моментот на тајност во текот на сите евровизиски денови и во текот на директниот пренос, беше неопходен и од потребата да не се влијае на емоциите на гледачите во текот на гласањето, па затоа истиот се случи по затварањето на телефонските линии.

Сосема невообичаен и уникатен момент за еден Евровизиски избор кој вниманието на публика го сврте на еден од најубавите моменти во човечкиот живот, се чини се претвори во една своевидна глобална медиумска фокусираност, за којашто најверојатно луѓето од маркетингот би рекле: „дека со ништо не може да се плати“ и за представникот Јана Бурческа но и за Македонија којашто беше достојно претставена пред Евровизиската музичка јавност.

И додека во Европските медиуми ваквиот евровизиски момент и покрај необезбедениот пласман, наиде на позитивни коментари, за жал во нашиот жолт печат, на социјалните мрежи со коментари на блогови отворени под лажни или вистински профили сеедно, како и секогаш досега се истури лавина од негативни, навредливи, недостојни алудирања и дискредитации, од кои никој и ништо не беше поштеден. Не е првпат без мерка и со толкава омраза да се реагира на секој од нашите актуелни Евровизиски представници и тимови кои работат на проектот, без разлика дали се обезбедил пласман или не во финалето. Тоа им се случуваше и на Тоше Проески и на Мартин Вучиќ и на Елена Ристеска и на Каролина Гочева - кои иако се пласираа во финалето беа мета на разноразните домашни експерти за пеење, сценски настап, стајлинг и т.н. Ситуацијата во медиумите и социјалните мрежи е уште погрда по настапите на евровизиските претставници кои не обезбедија пласман во големото финале како на пр: Тамара Врчак и Гаџа, Next time, Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, Есма Реџепова и Влатко Лозановски, Тијана Дапчевиќ или Калиопи и во 2012- тата и во 2016 година, но да не ги заборавиме и интерпретаторите кои учествуваа на евровизискиот избор кога истиот се одржуваше во една вечер: Владо Јаневски, или девојките од XXL.

Да не го пренебрегнеме фактот дека „јавната“ личност е подложна на „јавно мислење“, но тоа не значи, истата „јавно“ да биде изложена на „столб на срамот“ со нечии своеволни, дрски, претенциозни и крајно навредливи инсинуации кои „му служат на чест“ - само на оној што ги говори или пишува, без никаква морална и кривична одговорност.

Ваквата состојба, најверојатно ќе треба дефинитиво да се анализира и од социолошко- културолшки, но пред се од правно-регулативен аспект, од вистински и етаблирани имиња во тие области.

За жал според гласовите на 105 членото стручно жири и гласовите на Европската публика во однос 50% : 50% , Македонија петта година по ред не обезбедува пласман во финалето.

Пласман во финалето не обезбедија ниту: Швајцарија, Србија, Словенија, Црна Гора, Албанија, Финска, Грузија, Исланд, Сан Марино, Чешката Репблика, Летонија, Малта, Ирска, Литванија и Естонија.

Во финалето покрај веќе одбраните финалисти од првата полуфинална вечер, земјите од големата петорка , земјата домаќин Украина, ќе ги видиме уште и:

1.      Бугарија

2.      Белорусија

3.      Хрватска

4.      Унгарија

5.      Данска

6.      Израел

7.      Романија

8.      Холандија

9.      Норвешка

10.    Австрија

 

На прес конференцијата што се одржа по втората полуфинална вечер, со ждрепка беше извлечен и нивниот редослед на настап во првата или втората половина од вечерта, а потоа од страна на продуцентот на евровизискиот избор, Украинскиот национален радиодифузер и EBU, беше објавен конечниот редослед за настап на сите 26 земји во финалето.

Во големото финале ќе гласаат сите 42 земји колку што учествуваат на годинашниов „Избор за песна на Евровизија“ Киев- 2017.

Реден број на настап на земјите учеснички:

1. Израел

2. Полска

3. Белорусија

4. Австрија

5. Ерменија

6. Холандија

7. Молдавија

8. Унгарија

9. Италија

10. Данска

11. Португалија

12. Азербеџан

13. Хрватска

14. Австралија

15. Грција

16.Шпанија

17. Норвешка

18. Обединето Кралство

19. Кипар

20. Романија

21. Германија

22. Украина

23. Белгија

24. Шведска

25. Бугарија

26. Франција

Ваквиот редослед во последние 3 години се прави со цел на секоја песна да и се обезбеди целосно внимание од страна на гледачите, т.е „ песната да блесне“, но со тоа да се создаде и динамичност во директниот пренос од големото финале.

Португалија, Италија, Бугарија, Белгија, Франција, Обединетото Кралство и Шведска според евровизиските обложувалници се најсериозните кандидати за освојување на евровизискиот победнички кристален микрофон.

Пресудни повторно се гласовите на жирито и телевоитингот во однос 50 :50, па затоа можни се изненадувања до последниот момент.

Финалето ќе започне со дефиле на финалистите и националните зnамиња на нивните земји. Во ревијалниот дел ќе настапат Руслана - Украинската победничка од Истанбул 2004 и Џамала - актуелниот евровизиски победник од Стокхолм, како и актуелниот победник на Јуниорскиот Евросонг 2016 година: Мариам Мамадашвили.

Свој настап во ревијалниот дел на големото Евровизиско финале ќе има и една од најголемите Украински ѕвезди - Онука којашто ќе настапи со свој перформанс на микс од електронска, модерна поп музика и Украински народни инструменти со фолклорни музички мотиви.

Иако во Eвровизиските кулоари се шпекулираше со можноста за настап на Евровизиската сцена на позната светска музичка ѕвезда, како што тоа се случи минатата година со настапот на Џастин Тимберлејк, официјална информација од страна на организаторот до моментов нема.

Во 1999 година EBU го укина правилото: секоја земја да настапи со песна на својот официјален национален јазик.

Во финалето на ЕСЦ 2017, песните ќе бидат речиси целосно одпеани на англиски. Французите ќе пеат делумно: англиско - француска a Хрватите на англиско - италијанска, лингвистичка комбинација. Италијаните ќе пеат на италијански, Унгарците на унгарски, Белорусите на белоруски, додека Романците ќе „јодлаат“ во песната отпеана на англиски.

Стручното жири составено од вкупно 210 етаблирани имиња од областа на музиката, во 42 земји ги дадоа своите гласови на генералнат проба во петокот на 12 ти мај , а гласовите на публиката ќе се добијат преку телевоутинг во текот на директниот пренос од финалната вечер.

Во име на стручното жири на Националниот радио дифузер - Македонска Радио Телевизија, како и во име на Македонската публика, гласовите ќе ги соопшти Илија Грујовски познато ТВ лице и дел од екипата на „Македонија наутро“, утринската програма на МРТ.

Од почетокот на востановувањето на Евровизискиот избор во изминативе 61 години до денес, барем по еден настап имале 49 земји од кои 26 имаат барем по една победа, останатите 23 и понатаму се надеваат на својата шанса за искачување на победничкиот трон на најголемиот музичи спектакл на планетава .

На Евровизискиот избор интерно се доделуваат уште и наградата „Marcel Bezencon“ и тоа: Награда за најдобра песна - според мислењето на акредитираните новинари во прес центарот, Награда за Најдобар комплетен настап - којашто ја доделуваат официјалните коментатори на националните радио дифузери и Награда за најдобра композиција - којашто се доделува според мислењето на композиторите на композициите пласирани во финалето.

Директниот пренос започнува денес - сабота на 13-ти мај, со почеток во 21 часот, а се очекува да заврши во 00:30 минути по полноќ, кога ќе дознаеме кој ќе биде победникот на Изборот за песна на Евровизија, Киев 2017 година.

Каролина Петковска, специјален известувач од Киев за МРТ