Грчките медиуми за случувањата во Македонија
Медиумите во Грција продолжуваат да известуваат за случувањата на политичката сцена во Македонија...

Весникот „Димократиа“ пишува дека Бугарија ја признава Република Македонија, но не и постоењето на македонска националност, додека неколку македонски политичари, меѓу нив и Зоран Заев, ги признаваат Бугарските корени на Македонците.
„Кандидатот за премиер на Социјал-демократите Зоран Заев пред неколку дена изјави дека Словените од Скопје се братски народ со Бугарите. Притисокот на Бугарија и Албанија многу е веројатно дека ќе доведе до промена на Уставот на ПЈР Македонија и статус на федерација“, се вели во анализата.
Весникот уште известува и дека претседателот Румен Радев ја повикал Европската Унија да ја земе предвид Бугарија како медијатор меѓу Македонците и Албанците.
Грчкиот весник „Ризопастис“ информира дека странските интервенции во западен Балкан се интензивираат како последица на геополитичкото и енергетско ривалство на САД, НАТО и ЕУ од една страна и Русија и Кина од друга. Анализира и за доделувањето на мандатот.
„Талат Џафери (чиј контроверзен избор предизвика сериозни инциденти на 27 ми април, но беше потврден од Службениот весник ), прати “ултиматум“ до претседателот Иванов, повикувајќи го да го даде мандатот за формирање на владата до 20 ти мај“, пишува „Ризопастис“.
Весникот информира и дека Џафери го предупредил Иванов дека ако не му го даде мандатот на Заев, тој ќе му го даде самиот, што ќе предизвика сигурни реакции од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ кои што бараат нови избори.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
