Предлог за локални избори во октомври
Локални избори во првата половина на октомври, мандатот на сегашните градоначалници и советници да се продолжи до изборот на нови- ова е договорот од координативната средба на парламентарните партии и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Не присуствуваше претставник на ВМРО-ДПМНЕ.

Претставници на парламенарни партии на координација кај собранискиот спикер, Талат Џафери се договорија да предложат одржување на локалните избори за првата половина на октомври годинава. Како што соопштија од прес-службата на Собранието СДСМ, ДУИ, БЕСА, Алијансата за албанците и ДПА се договориле дека од исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнувањето договор за донесување на Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во месец октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници да биде продолжен до изборот на новиот состав на членови на советите и градоначалниците“.
„Џафери и претставниците на политичките партии се согласија дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието на Република Македонија и дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да придонесат за продолжување на демократските процеси во Република Македонија“, наведено е во соопштението.
На средбата не присуствуваше претставник од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата остануваат на ставот дека тој е нелеглно избран на функцијата. Ставовите ги соопштија на прес-конференција. Велат почетокот на јули е најповолниот датум за одржување на локалните избори бидејќи, според партијата, во интерес на граѓаните е час поскоро да изберат локална власт која ќе реализира проекти за нивните потреби.
„ВМРО-ДПМНЕ повторно посочува дека доколку парламентарното мнозинство собере храброст, најдобро за државата и за граѓаните ќе биде, да се согласат заедно со локалните, на ист трошок, да се организираат и нови парламентарни избори“, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатот на локалната самупорава истекува денеска.
Игор Панов
