Предметот за Кочан се враќа на почеток

15.05.2017 17:00

Врховен ја објави одлуката за укинувањето на решенијата на кривичните совети на Скопска единица и на Апелацискиот суд за првоосомничениот во случајот „Труст“. Соопштуваат дека причина се повредите на законите од пониските судови. Според Врховен, не постоеле доволно докази дека првосомничениот го сторил кривичното дело.

Предметот за Сеад Кочан се враќа на почеток, кај судија на претходна постапка на повторно постапување и одлучување поради суштествени повреди на одредби од ЗКП. Кривичниот совет во состав судија Моника Бахчовановска - претседател на советот и судиите Љубинка Башеска и Весна Костова- Спасеска - членови на советот, ја донесе оваа одлука постапувајќи по жалба на Специјалното јавно обвинителство.

„По повод жалбата на СЈО, а по службена должност, решението на судијата на претходна постапка кпп бр. 144/17 од 02.03.2017 година, го укина и предметот го врати на судијата на претходна постапка на повторно постапување и одлучување поради суштествена повреда на одредбите од член 415 став 1 точка 11 од закон за кривична постапка“- стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Претходно преку писмено соопштение Врховниот суд потврди дека во петокот петчлен совет ги укинал решенијата на кривичниот совет на Основен суд Скопје 1- Скопје и кривичниот совет на Апелационен суд- Скопје за мерката притвор на Сеад Кочан. Во него е наведено дека одлуката следува поради тоа што пониските судови, ги повредиле законите кога на Кочан му одредиле притвор.

„По вака донесената пресуда, кривичниот совет на Основен суд Скопје ќе треба да одлучува по жалбата на СЈО, поднесена против решението на судијата во претходна постапка, со кое е одбиен предлогот за определување на мерка притвор. Причините за ваквата одлука се повредите на законите од страна на пониските судови, кои се содржани во образложението на пресудата на Врховниот суд на Република Македонија“- се наведува во соопштението на Врховниот суд.

Одлуката ја донел петчлен кривичен совет чиј претседател е Јово Вангеловски. Таа е донесена по поднесеното барање на заштита на законитоста од државниот обвинител Марко Зврлевски.

Од Специјалното јавно обвинителство, информираа дека ќе се произнесат во текот на утрешниот ден.

Сеад Кочан е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, дека со фалсификувана документација добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

 

Фиљана Кока