Во Србија негативна кампања кон Македонија
Брисел со остри критики за медиумскиот говор во Србија. Во последниот извештај на Комисијата при Советот на Европа стои дека јавниот дискурс потсетува на состојбата од војните во 90-тите години. Во последниот период печатените медиуми правеа хајка против Македонија.

Континуиран пораст на говор на омраза во јавниот дискурс, политичарите и медиумите користат запалив, пежоративен и националистички јазик, а тензиите во регионот се значително пораснати- стои во последната препорака на Комисијата при Советот на Европа упатена до Србија, која ја објавија медиумите во Белград. Јавниот дискурс потсетува на состојбата од војните во 90-тите години- се укажува во извештајот.
Ваквата препорака од Европа за таблоизација на печатените медиуми и говорот на омраза, коинцидира со медиумската хајка во Србија кон Македонија- од почетокот на годината и изјавата на министерот Дачиќ за грешката на Србија за признавањето под уставното име.
Медиумската хистерија, подбуцнувачката реторика на политичарите и разузнувачките сплетки во континутет ја прикажуваат состојбата во Македонија како пред меѓуетнички конфликт. Информер, Политика, Вечерње Новости, Блиц, Правда, Спутник, ТВ Пинк и др. медиуми под контрола на власта, разработувајќи ја темата за албанското прашање, пласираа голема количина на лажни факти, погрешни и навредувачки анализи и црни сценарија.
Пример за тоа се насловите за непроверените наводно откриени неколку илјади митралези и бомби за одредена албанска партија во Македонија, како и 800-ната вооружени албанци, наводно лоцирани на границата.
Дека односите меѓу Србија и Македонија се на најниско ниво-потврди денес и мандатарот Зоран Заев за Н1 телевизијата, каде изјави дека е непријатно на кој начин Србија ги коментира настаните во Македонија.
Со веста за добивањето мандат на Заев, се огласи шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ со порака дека во иднина односите кон властите во Скопје ќе бидат реципочни на нивниот однос кон Србија.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
