ВМРО-ДПМНЕ: Укинувањето на екстерното е антиреформа на СДСМ
Доколку СДС до крај ги реализира популистичките најави, постепено се ќе се врати по старо. Оние кои имаат поголемо влијание, ќе успеат да ургираат нивното дете да биде со одличен успех без разлика дали учело или не учело.

Најавата на СДСМ за укинување на екстерното тестирање е само обид за додворување на гласачите, и контрапродуктивно, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека екстерното треба да продолжи, бидејќи го има и во европски земји.
„СДС со планот за укинување на екстерното тестирање ја враќа назад Република Македонија. Родителите, колку и да бидат задоволни од оваа антиреформа, популистичката мерка јасно е дека таа е единствено на штета на потенцијалот и успесите на нивните деца. Можеби денес многумина не сакаат или не можат да ја прифатат оваа реалност, но во оној момент кога учениците ќе се обидат да конкурираат на пазарот на труд ќе почуствуваат за што говориме ние денес“, изјави Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека доколку СДС до крај ги реализира популистичките најави, постепено се ќе се врати по старо. Оние кои имаат поголемо влијание, ќе успеат да ургираат нивното дете да биде со одличен успех без разлика дали учело или не учело. Дел од учениците ќе имаат висок успех со труд и знаење, а дел ќе имаат висок успех благодарение на нивните влијателни родители. Вината повторно ќе падне на наставниците, иако тие и сега, како и порано ќе бидат принудувани да попуштат пред притисоците- нагласи Ристовски.