Преку МРТ до возбудувањата во Сочи

11.02.2014 16:17

Доколку некој од вашите омилени спортови во моментот не се дава на Првиот или на Собранискиот канал на Македонската телевизија, не разочарувајте се. Сега можете во реално време да ги следите на нашиот веб – сервис, преку трите независни канали...

Олимпијата во Сочи на вашата дланка. Преку новиот веб-сервис на Македонската радио-телевизија, www.mrt.com.mk, можете во реално време да ги следите возбудувањата што ги носат Зимските олимписки игри. За да бидете во тек со сите случувања во Сочи, доволно е да отидете на нашата интернет страница, да го притиснете копчето плеј (play) во горниот дел од екранот и да одберете некој од трите специјализирани канали наменети само за ЗОИ, означени со препознатливото лого.  

Доколку некој од вашите омилени спортови во моментот не се дава на Првиот или на Собранискиот канал на Македонската телевизија, не разочарувајте се. Сега можете во реално време да ги следите на нашиот веб – сервис, преку трите независни канали.

Освен преку нашата интернет-страница,  ЗОИ можете да ги следите и на ТВ-каналите на Македонската телевизија, кои секојдневно нудат богата понуда.

Во овој период, Спортската редакција на Јавниот сервис работи под полна пареа.

“Влеговме амбициозно во целиот проект, со над 12 часа содржини секој ден. Почнуваме уште од рано наутро, а не ретко одиме и до полноќ. Го користиме и Собранискиот сервис, но мислам дека на нашите гледачи им понудивме 90 проценти од содржините од ЗОИ во Сочи, реакциите се позитивни. Очекувам да го издржиме ова темпо кое сами си го наметнавме”, изјави новинарот Драган Николовски.

22-те Зимски олимписки игри кои се одржуваат во Сочи ќе траат до 23 февруари, а за нивната организација ќе се потрошат неверојатни 51 милијарда долари. Русите приредуваат вистински спектакл во кој може да уживате заедно со вашиот Јавен сервис. 
 

Мартин Пушевски