Столтенберг: Жал ми е што се расправаат Германија и Турција

22.05.2017 14:26

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг бара решение за судирот меѓу Германија и Турција. Анкара по вторпат им забрани влез на претставниците од Бундестагот во базата Инџирлик. Првата беше поради резолуцијата во која масакрот на Отоманската империја над Ерменците го нарекоа геноцид. Втората е поради дозволениот азил на турски војници обвинети за неуспешниот обид за пуч лани.

Во интервју за германски „Билд“, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја критикува владата во Берлин поради најавата дека размислува да ги повлече своите војници од базата Инџирлик, со што би биле деактивирани и преместени и авионите кои ги поддржуваат операциите на меѓународната коалиција во борбата против милитантите на Исламска држава. Алтернативно решение за новата локација на Бундесверот би биле Јордан и Кувајт.

„Разговорите продолжуваат. Паралелно ќе бараме и нови начини да си ја завршиме задачата и да бараме алтернатива за Инџирлик. Едно од решенијата е Јордан. Неопходно е да им бидат дозволени посетите на припадниците на германската војска“, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел.

Во јануари, Берлин и Анкара склучија договор според кој на Германија и е дозволено да донесе извиднички авиони за мисиите против ИД, кои нема да бидат вклучени во директни борбени операции.

Во воздухопловната база се сместени 270 војници од Германија кои соработуваат со армиски припадници од Холандија, Шпанија, Данска, Чешка, како и Саудиска Арабија и Катар кои не се дел од Алијансата.

Најдоминантен воен контингент имаат САД со 39 воздушни единици, а одредени извори тврдат дека во арсеналите се чуваат и нуклеарни боени глави. Според силината и големината на трупите, на второ место е Британија.

За време на Студената војна, со американска помош, Инџирлик стана најважна база на југоисточното крило на НАТО. Над шест децении служеше за одбрана од советската и руската експанзија. Клучна улога има и во решавањето на кризите на Блискиот Исток.

 

Маја Филдишев