Политичката ситуација во фокус на средбата меѓу Иванов и Путин
Со особено внимание следиме се што се случува во вашата земја. Посакуваме политичката ситуација во Македонија да се развива согласно Уставот и демократските принципи. Уверен сум дека вашето искуство, вашето влијание и авторитет ќе придонесе за тоа, рече претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Кремљ.

Политичките случувања во Македонија во фокусот на средбата меѓу претседателите Путин и Иванов во Кремљ. Русија внимателно ги следи случувањата, посакуваме внатре политичката ситуација да се развива согласно Уставот и демократските принципи- истакнал првиот човек на Руската Федерација на почетокот на разговорите со шефот на државата Иванов.
За двајцата претседатели, симболиката на денешната средба е огромна, бидејќи се случува на денот кога Русија и Македонија ги слават основоположниците на словенската писменост.
„Со особено внимание следиме сѐ што се случува во вашата земја. Посакуваме внатреполитичката ситуација во Македонија да се развива согласно Уставот. Уверен сум дека вашето искуство, вашето влијание и авторитет ќе придонесе за тоа“, истакна претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
„Симболиката е голема, особено бидејќи ова е ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, кои ние ги славиме како наши големи учители. Ова признание ни е дотолку позначајно и подраго бидејќи се доделува за 2016 година, година кога одбележавме 11 века од упокојувањето на Свети Климент Охридски, најдобриот и најзначајниот ученик на Кирил и Методиј“, нагласи претседателот Иванов.
Двајцата претседатели задоволни од унапредувањето на односите меѓу двете држави, но и од позитивните движења во економската размена.
Со средбата со Путин македонскиот шеф на државата ја заокружи посетата на Руската Федерација.
Викторија Милевска
