Преговори за новата Влада: До крајот на неделата треба да се знаат ресорите
Според најавите, до крајот на неделата треба да се знаат и ресорите кои ги добиваат партиите во новата влада, како и имињата што ќе ги раководат министерствата. Декларацијата на трите албански партии од Македонија нема целосно да биде вклучена во програмата на новата влада, изјави лидерот на ДУИ, Ахмети...

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со партиските потпретседатели истакна дека во програмата на новата влада ќе влезат само најважните аспекти за големите реформски приоритети. Според него, круцијални прашања се влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ и економскиот развој. Според Ахмети, најважно за Македонија е да стане членка на ЕУ и на НАТО и да остане стабилна.
„Декларацијата на трите албански партии во Македонија нема целосно да биде вклучена во владината програма. Во програмата на новата влада ќе влезат само најважните аспекти за големите реформски приоритети. Најважно за Македонија е да стане членка на ЕУ и НАТО и да остане стабилна“, изјави Ахмети.
За сите аспекти на Албанската декларација, Ахмети вели дека ќе бидат отворени за дебата и нема да се држат во тајност. За поделбата на ресорите, лидерот на интегративците посочи дека ќе го добијат Министерството за здравство, а ќе го отстапат за образование. Потпретседателката на ДУИ, Арифи изјави дека нејзина желба е да не биде дел од новата влада.
„Јас би сакала да се кандидирам повторно за градоначалник на Тетово, но сепак и партијата треба да го изнесе ставот дали јас ќе се борам за нов мандат во локалната власт или пак ќе бидам дел од централната власт“, рече Арифи.
Консултациите за новата Влада продолжуваат на партиско и меѓупартиско ниво. Од СДСМ додаваат дека по враќањето на мандатарот Заев од Брисел, ќе се интензивираат.
До крајот на неделата треба да финишираат разговорите за персоналниот состав на новата Влада.
Игор Панов
