Могерини на состанок за Западен Балкан, разговори за перспективите за членство во ЕУ
„Не говориме за европската перспектива на Западниот Балкан, тие се веќе во Европа, говориме за перспективите за членство во Унијата“- оваа порака ја испрати шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини пред вечерашниот состанок со премиерите од Западен Балкан. Од Македонија во Брисел е повикан мандатарот Заев, кој ќе има одделна средба со Могерини...
Западниот Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, кога станува збор за безбедноста и за превенција од радикализација, смета претставничката за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини. Таа во Брисел организира средба со премиерите од регионот. Од Македонија е повикан мандатарот, Зоран Заев. Могерини порача дека Унијата е посветена на овој регион.
„Ова не значи да работиме за нив, туку со нив и тоа е целта на вечерашниот состанок. Да ги повикаме заедно за одржливата сила на ЕУ да ги состане тука и да ги охрабри на заедничка работа за тоа како регионот самиот, но и регионот со Европската унија да работат подобро заедно по последниот развој на настаните. Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги преземеме за во иднина. Ова ќе биде одлична можност за да изградиме подобро регионално разбирање и како да работиме на патот кон Европската унија заедно“, нагласи Могерини.
Могерини не ја доведува во прашање европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
„Не говориме за европска парспектива на Западниот Балкан, бидејќи тие се веќе Европа, но поентата е за перспективата за членство во Европската унија на овие земји“, истакна Могерини.
Во Брисел на неформалната вечера се поканети премирите на Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и на Црна Гора. Пред заедничката средба, Могерини ќе има билерален состанок со мандаторот Заев.
Наташа Јанчиќ
