Привршува сеидбата на оризот

25.05.2017 10:50

Сеидбата на оризот се одвива без проблеми. 80 проценти од планот е реализиран, а оризопроизводителите се надеваат дека оптималниот рок кој истекува за неколку дена ќе го искористат максимално. Единствено, поради лошата хидролошка состојба годинава површините под оваа култура ќе бидат преполовени. Наместо вообичаените 5.000 ќе се насеат само 2.500 хектари.

Досега се реализирани 80 проценти од планираната сеидба на оризот. Земјоделците велат дека ќе го запазат оптималниот рок кој завршува за неколку дена.

Од почетокот на сезоната на наводнување максимално се искористени водите на Оризарска, Кочанска и Зрновска река, како и од Брегалница и Злетовска река, со што е ублажен недостигот на вода во акумулацијата Калиманци.

Поради лошата хидролошка состојба, со измените на годишниот план за наводнување, планираните површини од 5.100 хектари под ориз се намалени за половина, односно на 2.500.

Последните дождови минимално ја санираа состојбата во Калиманци каде што во моментов има 75 милиони кубни метри вода.

Површините кои што не се под ориз, земјоделците веќе ги сеат со други пролетни култури кои не бараат големи количества вода за наводнување.

Методија Трајков