Соработка и посветеност за евроинтеграција
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини на неформалната вечера со претставниците на шесте земји од Западен Балкан побара да ги надминат разликите и да работат заеднички на приближувањето до Европската Унија. Од кабинетот на Могерини соопштија дека сите присутни ја потврдиле нивната целосна посветеност да продолжат да работат на процесот на интеграција во Европската Унија. Мандатарот Заев изјави дека посакува идната година Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија.
Состојбите во регионот и заеднички напредок беа темите на неформалната вечера на високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини со премиерите и определен за премиер на шест балкански држави.
Според мандаторот за формирање на новата влада било констатирано дека исполнувањто на приоритетните реформи се клучни за европската перспектива на државата.
„Прават напори, а тоа често го најавува и комесарот Хан, макар и технички назначено да се отвори еден аспект, а како помош во реформите што се потребни во земјите, па и во Македонија. Поглавјата 23 и 24 ќе бидат од огромна помош за реформите во правосудството и во безбедноста во Република Македонија, а тоа знаеме дека за нас значи сериозни реализации на забелешките и сугестиите од извештајот на Европската унија, односн извештајот на Прибе. Јас посакувам во 2018 година да се одреди датум за преговори и официјалнод а ги отвориме истите. Но, час поскоро, дали официјално или неофицијално, отворање на поглавјата 23 и 24 ќе значат огромна помош за Република Македонија“, изјави мандаторот Зоран Заев.
Целта на средбата во Брисел е консолидирање на заедничка соработка меѓу земјите на Западен Балкан и Европската унија, во насока на формирање инклузивни општества и широки економии, истакна шефицата на европската дипломатија, Могерини.
„Ова ќе биде одлична можност за да изградиме подобро регионално разбирање и како да работиме на патот кон Европската унија заедно. Не говориме за европска парспектива на Западниот Балкан, бидејќи тие се веќе Европа, но поентата е за перспективата за членство во Европската унија на овие земји“, нагласи Могерини.
Безбедносните ризици, превенција од радикализмот и бранот на мигранти беа во фокусот на интересите на високата претставничка на Европската унија, бидејќи како што таа истакна, Западниот Балкан е клучен фактор за безбедноста на Европската унија.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
