Неопходна е законска регулатива со која ќе се спречи злоупотребата на интернетот

25.05.2017 12:24

Злоупотребата на интернетот ја налага потребата од единствена законска регулатива на меѓународно ниво, бидеќи интернетот сериозно влијае врз сите сфери од живеењето. За ова се дискутираше на Третата конференција за управување со интернетот во државите од Југоисточна Европа.

Во светот не постои една организација која што управува со интернетот. Со развојот на технологијата и се поголемиот број на корисници се наметнуваат повеќе проблеми од типот на сајбер криминалот и тероризмот, детската порнографија и слично, поради што се отвора потребата од регулација на оваа сфера со соодветни закони.

„Бидеќи не постои некој што го управува интернетот, не постои интернет закон, интернет устав, постои само обид на различни нивоа во различни земји, кој што е широко отворен и транспарентен и консултативен да се разгледуваат најдобрите практики во земјите, како се справуваат со сите овие работи и како ги регулираат во соодветната своја легислатива“, изјави Марта Арсовска-Томовскаминистер за информатичко општество и администрација.

Државите во светот имаат различни законски решенија кога се работи за употребата и злоупотребата на интернетот.

„Регулаторната рамка и законската регулатива што се однесува до интернетот во државите од регионот е во некаква почетна фаза. За жал, се наоѓаме на самиот почеток кога станува збор за заштитата на населението и се надеваме дека наскоро ќе имаме некакви решенија од надлежните институции“, изјави Предраг Ковачгенерален директор на Регулаторната агенција за комуникации на БиХ.

Она што ќе произлезе од дискусиите на конференцијата, сумирано во пораки кои ќе го креираат ставот на државите од регионот преку иницијативата „SEEDIG“ ќе биде презентирано пред надлежните тела на Обединетите нации, како официјална позиција на регионот во однос на електронските комуникации.

 

Сашо Нелоски