Разговори за новата Влада: БЕСА ја продолжува неизвесноста

26.05.2017 17:13

БЕСА чека одговор од СДСМ за предлозите што ги упати за идното функционирање на Владата. Одлуката на Заев за условите на Касами ќе го решат изгледот на новиот кабинет...

БЕСА ја продолжува неизвесноста за составување на новиот владин кабинет. Касами чека одговор од Заев на барањата кои ги достави како условување за идното партиципирање во власта. Меѓу нив се менување на законот за јазиците, балансирано владеење и редефинирање на државата. Од исполнувањето на овие барања ќе зависи и учеството на БЕСА во новиот владин кабинет која претходно се изјасни и дека не сака во извршната власт да има луѓе осомничени од Специјалното обвинителство.

Во меѓувреме, работните групи на партиите се постојан контакт. Ги пеглаат деталите пред Заев да ја достави програмата на владата и владиниот состав до Парламентот, информираат од Бихаќка.

ДУИ останува сигурен владин играч која преку Ахмети соопшти дека дел од Тиранската платформа е влезен во владината програма, но тоа се однесува на членство во НАТО и ЕУ, економскиот и рамноправен развој, но оти за некои прашања од платформата во иднина ќе се отворела јавна дебата.

Алијансата на Албанците информира дека ќе ја поддржи новата владина коалиција без разлика дали во неа ќе партиципираат со функционери.

Заев најави дека идната Влада може да се очекува да се формира идната недела.

Миле Ристески