Белград и Скопје за собраниските настани
МНР очекува дека во меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право...

Министерството за надворешни работи на Македонија на денешниот разговор со амбасадорката Душанка Дивљак- Томовиќ изрази незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран дипломат на Србија во Собранието за време на насилните настани на 27-ми април и побара детално појаснување на причините и околностите.
Ваквата активност не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка. МНР очекува дека во меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право.
Амбасадорката Дивјак Томиќ, се вели во соопштението, искажала ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.
Но, дека медумската хајка кон Македонија во Србија сѐ уште трае, е и веста за овој настан која ја пренесоа повеќето медиуми повикувајќи се на неименуван извор, за протерувањето на официрот на разузнавачака служба во српската амбасада, Горан Живаљевиќ, од страна на македонското МНР. Мораше да демантира лично шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ кој експресно изјави дека тоа е ноторна невистина и дека разговорот на амбасадорката Дивљак Томовиќ во Скопје бил коректен, без демарш или било какво протерување на Живаљевиќ.
Во пресрет на разговорот на српската амбасадорка во македонското МНР Дачиќ изјави дека Живаљевиќ ги нема прекршено дипломатските протоколи.
„Тој нема извршено никакво дело и не се мешал во внатрешните работи во Македонија. Според тоа, нема никаква причина било кој да протестира против нас заради ова. Негова задача е практично да не информира и тој е официјален преставник на БИА“, рече Дачиќ.
Дали на повидок е нормализирање на српско- македонските односи, говори изјавата на секретарот на српското МНР, Вељко Одаловиќ кој изрази надеж дека односите ќе имаат постојано позитивен прогрес и ќе бидат се подобри, бидејќи тоа е природно да бидат такви.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
