БЕСA нема да биде дел од новата Влада
Движењето БЕСА соопшти дека нема да бидат дел од идната влада, бидејќи мандатарот за формирање влада, како што наведуваат, не бил подготвен да ги прифати принципите на заедничкото владеење со БЕСА и да потпише заеднички договор околу тие принципи.

СДСМ преку соопштение до медиумите информира дека не е постигнат договор со БЕСА за влегување во новата влада и нагласува дека и покрај тоа оставаат отворени врати за соработка.
И покрај тоа што во преговорите со партијата БЕСА се согласивме дека ја споделуваме определбата за итни реформи за демократски и европски развој на Македонија, за одреден дел прашања не постигнавме договор. Оставаме отворени врати за соработка околу поддршка на реформите што претстојат во Република Македонија, како и за се друго од заеднички интерес за сите граѓани на нашата земја, соопшти СДСМ.
Движењето БЕСА, соопшти дека нема да бидат дел од идната влада, бидејќи мандатарот за формирање влада, како што наведуваат, не бил подготвен да ги прифати принципите на заедничкото владеење со БЕСА и да потпише заеднички договор околу тие принципи.
Ова е одлучено на денешното Централно претседателство и Централниот совет на БЕСА, каде е усвоен извештајот за текот на реализираните преговори.
Од БЕСА истакнуваат дека ќе продолжат да бидат конструктивен политички фактор во Македонија, останувајќи заштитник на албанските, но и на севкупните граѓански интереси во државата. Притоа ја информираат јавноста дека без оглед на тоа што остануваат опозициска партија, ќе ја поддржат секоја иницијатива што ќе биде во полза на Албанците и државата, а во насока на имплементација на потребните реформи.
БЕСА останува конзистентна на своите принципи, докажува дека останува на страната на Албанците и на другите граѓани во земјата, истакнуваат од БЕСА и притоа изразуваат убедување дека гласачите многу брзо ќе ја препознаат оваа разлика на нивното политичко делување.
