Утврдени предлозите за министри во новата влада
Заев најави дека ќе побара од СЈО информација дали за него или за друг потенцијален член на новата влада се води постапка. Доколку се покаже дека во СЈО или во ЈОРМ се води кривична постапка за кој било член на владата, тој повеќе нема да биде во кабинетот...

Мандатарот за составување влада и лидер на СДСМ, Зоран Заев ги објави имињата на кандидатите што ги предлага неговата партија за министри во новиот владин кабинет.
Заев на прес-конференција во партиското седиште посочи дека Централниот одбор на СДСМ на вечерашната седница одлучи да ги предложи Радмила Шекеринска за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура.
Кочо Анѓушев е предложен за вицепремиер за економски прашања, а Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска за министри без ресор.
Тој најави дека ќе побара од СЈО информација дали за него или за друг потенцијален член на новата влада се води постапка. Доколку се покаже дека во СЈО или во ЈОРМ се води кривична постапка за кој било член на владата, тој повеќе нема да биде во кабинетот, додаде Заев.
Коалицискиот партнер ДУИ, ден претходно на седница на партиското претседателсво реши во идниот владин кабинет да партиципира со Хазби Лика како вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи - вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Садула Дураку - министер за животна средина и просторно планирање, Рамиз Мерко - министер без ресор, Крешник Бектеши - министер за економија и Булент Салиху - министер за правда.
Два владини ресора - за здравство и за локална самоуправа треба да ги водат кадри на Алијансата за Албанците.
Во новата влада нема да учествува движењето БЕСА.
