Гајзенбергер ја продолжи германската доминација
Сувереното владеење на Германките во женското санкање продолжува и по Сочи, нова е само златната олимпијка...

Сувереното владеење на Германките во женското санкање продолжува и по Сочи, нова е само златната олимпијка.
Натали Гајзенбергер ги декласираше конкурентките и бронзата од Ванкувер 2010 ја претвори во најблескав трофеј. Најдобрата сезонава во Светскиот Куп овие два дена беше најбрза во сите четири поединечни трки и со огромна разлика во вкупното време ја симна од престолот сонародничката Татјана Хифнер.
Секунда и 139 илјадитинки беше заостатокот на Хифнер, којашто по бронзата во Торино и по златото во Ванкувер, ја комплетираше колекцијата медали во сите бои.
Првпат во олимписката историја еден медал замина надвор од Европа. Ерин Хамлин го вгради своето име во историјата на американското санкање, освојувајќи ја бронзата со севкупна негатива од секунда и 377 илјадити делови од секундата.
Деветтипат на олимписките игри досега, германските санкачки забележаа двоен триумф. Почнувајќи од Нагано 1998, ова е петта олимпијада едноподруго, а вкупно деветта на којашто златото оди во Германија.