Тодоров нападнат пред Министерството за здравство
60-годишен жител на селото Долно Каласлари, Велешко, од огнено оружје стрелал кон поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, на влезот од Министерството за здравство. Човекот е приведен. Тодоров не е повреден...

Инцидент пред Министерството за здравство, пред примопредавањето на функцијата. 60-годишен жител на селото Долно Каласлари, Велешко, од огнено оружје стрелал кон поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, на влезот од зградата. Човекот е приведен. Тодоров не е повреден.
Минисерството за внатрешни работи потврди дека денеска на пладне пред Министерството за здравство, 60- годишниот Љ.С. од село Долно Каласлари, Велешко со огнено оружје испукал два проектили кон поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
Тодоров не е повреден по нападот. Од МВР информираа дека во полицијата, пет минути после пладне е пријавено дека физички бил нападнат поранешениот министер пред Министерството за здравство.
Од страна на полициски службеници, напаѓачот е приведен на местото на настанот, каде што e пронајдена една чаура.
Од МВР велат дека истрагата е во тек и дека се работи на целосно расчистување на случајот.
Во Министерството за здравство денеска во 12:30 часот беше најавено примопредавање на функцијата министер за здравство помеѓу Никола Тодоров и Арбен Таравари.
