Примопредавања

Зоран Заев влезе во владиниот кабинет

01.06.2017 16:14

Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата на Република Македонија ја презеде функцијата од техничкиот премиер, Емил Димитриев. На примопредавањето на функцијата, Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет. Во изјава за медиумите рече дека разговарале со Димитриев и бил запознат со деталите за работниот амбиент. Денеска примопредавања на должностите и во министерствата.

Новиот премиер Зоран Заев влезе во владиниот кабинет. Емил Димитриев му ја предаде функцијата.

Прашан каде ќе живее како премиер, посочи дека за викендот ќе разговара на таа тема со семејството, кое претпоставува дека ќе сака да остане во Струмица, но ќе ја користи и премиерската вила.

Примопредавање на функциите имаше и во министерските кабинети. Во Одбрана за првпат седна жена. Успех во работата ѝ посака поранешниот министер Јолевски.

Успешно извршување на функцијата му порача и Нухиу на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по примопредавањето.

Грција посакува да му биде прва дестинација на агендата на новиот министер за надворешни работи, Никола Димитров. Трет пат се враќа во ова министерство- вели трета среќа и вети подигање на достоинството на дипломатијата.

Примопредавање на функцијата и во Министерството за образование. Новата министерка истакна дека се потребни квалитетно образование и враќање на дигнитетот на наставниот кадар.

По примопредавањето на функцијата, министерот за земјоделство изјави дека ќе се насочи кон креирање издржливи политики во земјоделството кое е исклучиетлно значаен сегмент од македонската економија.

Примопредавање имаше во другите министерски и вицепремиерски кабинети. Новите владини членови ветија дека ќе работат за подобрување на животот во Македонија.

Наташа Гркова- Петрушевска