Протест на дел од вработените во МЖ Транспорт

05.06.2017 10:14

Според Чакаровски преку протестот се бара исплата на вториот дел од априлската плата и платата за мај, како и изготвување правилник за вреднување на работните места.

Машинскиот персонал во Македонски железници- Транспорт од седум часот изутрина не ги извршува работните обврски во знак на протест од доцнењето на исплатата на платата и нејзино селективно зголемување на дел од вработените, изјави Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал.

Според Чакаровски преку протестот се бара исплата на вториот дел од априлската плата и платата за мај, како и изготвување правилник за вреднување на работните места.

Денеска ќе бидат пропуштени само возовите за Битола во 14:00 часот и за Гевгелија во 16:55 часот, како и меѓународните Белград- Скопје- Солун, како и Солун- Скопје- Белград, изјави Чакаровски.

Доколку во меѓувреме не се постигне договор со раководството на компанијата и ресорното Министерство за транспорт и врски од утре ќе се пропушта само експресниот воз Белград- Скопје- Солун.

Во текот на денов очекуваат средба со новиот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески.