Заврши проценката на штетите во Ресен, во поголем дел од овоштарниците ќе нема род
Заврши теренската проценка на штетите од априлското измрзнување во Ресен. Направен е увид кај сите 2.650 земјоделци кои поднесоа барања за обештетување. Според Комисијата на Министерството за земјоделство, годинава во поголемиот дел од овоштарниците ќе нема род.

Комисиите за проценка на направените штети од пролетните ниски температури кај овошките во Преспанскиот регион ги разгледале сите 2.650 барања од земјоделците и за секое од нив е изготвен поединечен записник. Според проценката на Комисиите, штетите во овој регионот се од 80 до 100 проценти.
Податоците се доставени до Министерството за земјоделство и до Бирото за судски вештачења кое треба да направи дополнителна проверка.
Обештетувањето ќе се врши преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството по проценката од страна на комисиите и по проверката од старна на бирото.
На целата територија на Македонија поднесени се вкупно 11.000 барања.Најмногу во Кавадарци 3.000, 2.700 во Неготино, 2.650 Ресен, а во Берово, Делчево и во Радовиш повеќе од 1.000. Во другите општини бројот е помал.
Методија Трајков
