Прекината блокадата на железничкиот сообраќај

07.06.2017 16:03

Прекината е блокадата на железничкиот сообраќај. Според договореното, како што информираа од Министерството за транспорт и врски, со синдикатот на машинскиот персонал, коефициентот на сложеност на работно место ќе изнесува 2,85, а износот на додатоците на плата за прекувремена, ноќна и работа за викенд ќе се исплаќа повторно, како на износот од пред стапувањето во сила на антикризните мерки.

Прекината е блокадата на железничкиот сообраќај. Синдикатот на машинскиот персонал и Министерството за транспорт и врски договориле зголемување на коефицинетот на сложеност на работното место од 2,7 на 2,85. Повторно ќе се исплаќа и додатоците на плата за прекувремена, ноќна и работа за викенд. Тоа беа и барањата поради кои машиновозачите во изминатите два дена го блокираа домашниот патнички и товарен сообраќај.

„Станува збор за додатоци кои требало одамна да бидат укинати, но тоа не било сторено од претходната власт. Во делот на коефициентот постигнавме одредено зголемување, а за сите останати барања кои ги имаат кажавме дека ќе разговараме и мислам дека за сите нив нема да има никаков пробел“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски.

Од ресорното министерство најавија дека во наредниот период ќе продолжат разговорите за барањата за условите за работа, ХТЗ опремата и специфичноста на работното место. Вицепремиерот за економски прашања Анѓушев истакна дека Владата ќе се заложи за обезбедување поголем обем на работа на Македонски железници, а ја разгледува и идејата за либерализација на железничкиот транспорт.

„За Железница е многу важно да се обезбеди што повеќе работа, односно македонските компании да возат што повеќе преку домашната железница, а секако и Македонска железница да се прилагоди на тоа да биде конкурентна во цените во однос на останатите видови транспорт“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Како што објаснија идејата за либерализација на железничкиот сообраќај значи инфраструктурата да остане државна, односно пругите или целата сообраќајна инфраструктура да останат како и досега, но може да се случи да има повеќе оператори за транспорт. 

Наташа Јанчиќ