Чествување за 100- годишнината од Битката за Битола
На Француските гробишта одбележена 100-годишнината од битката за Битола. Со букет свежо цвеќе и комеморација оддадена почит на сите загинати сојузнички борци на Источниот фронт за Франција. Должност ни е да се потсетиме на оние што загинаа далеку од своите домови, а меѓу нив имаше и многу Алжирци со француско потекло, рече амбасадарката на Алжир.

Битола чествува едно од најтажните воени поглавја на минатиот век. На француските гробишта- помен за загинатите војници на сојузничките сили предводени од Франција. По 22 месечното гранатирање на Битола од Баба планина, најжестоката пресметка во 1917-та година се случила во месноста „Црвена Скала“. Во сојузничката офанзива за битката за Битола учествувале околу 6.000 војници, преживеале само 259. Историчарите велат дека според стратегиското место на Битола, оваа била една од најзначајните битки во Првата Светска војна.
„Тука требало да се скрши таа линија на отпорот, бидејќи Пелагониската долина би овозможила брз влез на територијата на тогашното Кралство на Србија, а со тоа би се добила нова ситуација и превласт и во останатите воени точки“, вели професорот по историја, Иљо Трајковски.
Тоа биле полкови составени од војници Алжирци и Французи, родени во Алжир. Војници со различна вера и боја на кожата, но се бореле за иста цел во градот кој сведочи за ужасот- беше само една од пораките на францускиот и алжирската резидентна амбасадрка.
„Овие страшни настани треба да ни дадат поука повеќе да не се повторат, да го негуваме зборот братство и сите заеднички да ги надградуваме европските вредности“ рече амбасадорот на Република Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.
„Ќе инсистирам на поимот ’споделено единство’, затоа што овие загинати војници со различна вера и боја на кожата, тоа го манифестираа во тешките моменти и главно никој не беше постар од 30 години“, рече резидентната амбасадорка на Алжир, Таус Џелули.
На Француските гробишта погребани се околу 13.000 војници, најголем дел своите животи ги положија во Битката за Битола. Оваа битка е посебна и по тоа што непријателот при бомбардирањето користел и боеви отрови. Франција по војната, на Битола и го доделува орденот за „Град Херој“.
Стевче Митревски
