Спасовски: Mора да има одговорност за собраниските настани

08.06.2017 16:38

Пропусти во планирањето ресурси, во проценката на ризици, во примена на полициско овластување– ова се дел од пропустите евидентирани во извештајот на МВР за собраниските настани. Од полицијата велат дека има суспендирни и поведени се дисциплински постапки. Истрагата продолжува...

Работната група која ги истражуваше настаните во Собранието од 27- ми април утврдила неправилности. Според извештајот, има пропусти во собирањето информации, во планирањето ресурси, во проценката на ризиците, во примената на полициското овластување, како и во делот на извршувањето на работните задачи.

Забележано е и непрофесионално и неетичко однесување на полицајци, пред и за време на настанот. Министерот Спасовски, информира дека досега се суспендирани 23-ца, а за 45-мина била покрената дисциплинска постапка.

„Скенирањето на состојбите, анализирањето на причинско- последичните врски на настаните, резултираа со утврдување на формално- правни пропусти и недоследности во актите и процедурите, откривање на системски недоследности, воочување дисфункционалности кај одредени организациони облици на МВР, со што децидно се наметнува потребата од одредени реформски зафати во целиот систем“, изјави вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Во извештајот е наведено дека недостастигале јасни команди, а регистрирале пропуст и во координираното постапување на задолжените организациски единици. Министерот со став дека треба департизација и професионализација на МВР.

„Очигледно било дека некој ја злоупотребил својата положба и со тоа го овозможил нападот врз пратениците и новинарите. За овој срамен чин мора да има одговорност. Без расчистување на овој случај и без санкции, ова министерство не може да продолжи да функционира нормални“, рече Спасовски.

МВР го поднесе извештајот до обвинителството. Истрагата продолжува.

Наташа Гркова- Петрушевска