Заев во прва официјална посета на Брисел

12.06.2017 10:29

Целта на првата посета на Брисел по преземањето на должноста е владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во Европската унија и во НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги презентира реформските приоритети во владината агенда за враќање на државата на патот на евроатлантските интеграции...

Премиерот Зоран Заев денеска е во прва официјална посета на Брисел. На агендата се средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, високата европретставничка за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Федерика Могерини, со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Целта на првата посета на Брисел по преземањето на должноста е владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во Европската унија и во НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги презентира реформските приоритети во владината агенда за враќање на државата на патот на евроатлантските интеграции, соопштуваат од Владата.

Заев ќе го придружуваат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шеќеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Сите без исклучок гледаат голема надеж во мојот кабинет и во новата Влада да ја врати земјата на европскиот пат. Тоа за нас е дополнителен мотив веднаш да се зафатиме со реформските процеси што сме ги ветиле пред граѓаните и пред нашите пријатели во Брисел да претставиме конкретна реформска агенда, која ќе ги деблокира процесите за напредок кон членство во Унијата со обновување на препораката за почеток на преговорите, која поради политичката криза е замрзната веќе две години, порачува претседателот на Владата.